2 Thessalonians 2
1 А што се однесува до доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос и нашето собирање при Него, ве молам, браќа,
2 да не се поколебате лесно во мислите свои и да доаѓате во ужас било преку духот, било преку словото, или преку послание, како да е од нас испратено, како божем настапува веќе Христовиот ден.
3 Никој да не ве измами ни по каков начин; оти оној ден нема да настапи додека најнапред не дојде отпаѓањето и не се открие човекот на гревот, синот на погибелта,
4 кој што се противи и се превознесува над сѐ, што се наречува Бог или светост, за да седне како бог во Божјиот храм, покажувајќи се дека е Бог.
5 Не помните ли дека, уште кога бев при вас, ви зборував за тоа?
6 И сега знаете што Го задржа Него да се открие во Свое време.
7 Тајната на беззаконието веќе дејствува, само тоа нема да биде извршено, додека не се отргне оној, што ја задржува сега;
8 тогаш ќе се открие и беззаконикот, кого што Господ Исус ќе го убие со здивот на устата Своја, и преку блесокот на Своето доаѓање ќе го истреби
9 оној, чие јавување, по дејството на сатаната, е со секаква сила и знаци и лажни чудеса,
10 и со секакво неправедно измамување меѓу оние, кои загинуваат, затоа што не ја примиле љубовта на вистината за своето спасение.
11 И затоа Бог ќе им испрати сила на заблуда за да поверуваат на лагата,
12 та да бидат осудени сите, кои не поверуваа во вистината, а ја засакаа неправдата.
13 Ние, пак, сме должни да Му благодариме на Бога за вас секогаш, возљубени од Господа браќа, затоа што од почетокот, преку осветувањето од Светиот Дух и преку верата во вистината, Бог ве избра за спасение,
14 кон кое ве повика преку нашето Благовестие, за да ја придобиете славата на нашиот Господ Исус Христос.
15 И така, браќа, стојте и држете ги преданијата, што ги научивте било преку нашето слово, било преку нашето послание.
16 А сам Господ наш, Исус Христос, и Бог и Отец наш, Кој нѐ возљуби и преку благодатта Своја ни даде вечна утеха и добра надеж,
17 нека ги утеши срцата ваши и да ве утврди во секое слово и добро дело!